Од Скопје до Газа
БЕЛГИЈА - Руските вооружени сили имаат модрици, но во никој случај не се поразени во војната во Украина. Ова го изјави денеска претседателот на Воениот комитет на НАТО, Роб Бауер. Тој најави најголема промена од Студената војна во воените планови на Алијансата, во случај Москва да се осмели да го прошири конфликтот.
ЕУ - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вети дека стори се што е во нејзина моќ за да го повика на одговорност рускиот претседател Владимир Путин и другите одговорни за наводните злосторства извршени за време на војната на Кремљ против Украина. Таа ова ветување го даде по повод отварањето на Меѓународниот центар за гонење на криминалот на агресијата (ICPA).
РОМАНИЈА - Шефот на романската разузнавачка служба (СРИ) Едуард Хелвиг на 3 јули рече дека поднесува оставка од својата позиција. Во образложението до медиумите зошто ја напушта позицијата, Хелвиг вели дека е опасност за демократијата некој да остане во таква позиција премногу години.
СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Предметот „Феникс“ служи за дефокус на јавноста и претставува продолжување на негирањето на македонскиот идентите, оцени денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мискоски. Станува збор за истрага што ја води Обвинителството именувана како „Феникс“ за злоупотреба на службена положба и перење пари за 11 споменици од „Скопје 2014“.
МАКЕДОНИЈА - Инфлацијата која минатата година беше 14,5 проценти да биде основен параметар со кој ќе се зголемат платите во јавниот сектор и сите да добијат процентуално зголемување на платите, побарале денеска синдикалните лидери на денешниот состанок на Економско-социјалниот совет.
КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти на 3 јули изјави дека институциите на земјата идентификувале 45 лица кои, според него, учествувале во нападите на северот на Косово, област населена со мнозинско српско население.
ИРАН - Иранските власти ги засилија контролите за задолжителното носење на хиџаб при што затворија десетици кафулиња, ресторани и други бизниси ширум земјата за кои велат дека не го почитувале законот за задолжителен хиџаб. Хиџаб е шамија која ја носат жени со исламска вероисповед.
ИЗРАЕЛ / ПАЛЕСТИНА - Израелската војска изврши воздушни напади на 3 јули врз градот Џенин во северниот дел на Западниот Брег, при што загинаа најмалку седум Палестинци, соопштија локалните здравствени власти.
САД - Климатските промени се закануваат да донесат „навистина застрашувачка“ дистописка иднина на глад и страдање, предупреди во понеделникот шефот за човекови права на Обединетите нации. Високиот комесар на Обединатите Нации (ОН) за човекови права Волкер Турк смета дека решавањето на проблемите кои настануваат од климатските промени е прашање на човековите права.
РУСИЈА - Руската платеничка група Вагнер, која изврши краткотраен бунт на 23 и 24 јуни, го прекина секое регрутирање. Во официјалното соопштение објавено на 2 јули социјалната платформа Телеграм, групата најави дека се сели во Белорусија.
ФРАНЦИЈА - Околу 160 луѓе беа уапсени низ цела Франција во текот на ноќта меѓу 2 и 3 јули, додека немирите што ја зафатија земјата веќе шест дена се чинеше дека се повлекуваат. Немирите беа предизвикани од фаталното пукање на 27 јуни на тинејџер со северноафриканско потекло за време на сообраќаен прекин во париското предградие Нантер.