„Ние цврсто стоиме на ставот да се отвори истрага за целокупното делување на ДУИ, за сите функционери, почнувајќи од мене“, изјави денеска претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Ахемти, во изјава за ТВ21, по гласањето на внатрепартиските избори во Кичево, рече дека Рамиз Мерко треба да биде под истрага и дека тој самиот не се противи на такво нешто, бидејќи за тоа било гласано на генералниот совет на партијата.
„Господин Мерко мора да биде под истрага и апсолутно господин Мерко не се противи на ваквата постапка, бидејќи тој самиот е изгласан во Генералниот совет и во Претседателството на ДУИ, да се отвори истрага, за целокупната активност на Демократската унија за интеграција, од 2002 година до сега во моментот што зборуваме. Не можеме да станеме партија, обвинители и истражители и да одговараме на секоја клевета, ниту да работиме на откривање на вистината, тоа им припаѓа на органите на правдата. Господинот Мерко не избегнува да се соочи со истрагата и бараме што поскоро да се открие целата вистина“, изјави Ахмети, прашан за коментар за ставањето на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко на „црната листа“ на САД.
Видете и ова: Мерка за Мерко – непожелен во САД, прв на проширената „црна листа“Името на струшкиот градоначалник се најде на црната листа на Соединетите Држави. Санкцијата се однесува и сопругата на Мерко, Шпреса, и неговите три возрасни деца, Генц, Назмије и Дренуша. Потесното семејство на Мерко се смета за „неподобно“ за влез во САД.
Јавното обвинителство соопшти дека има шест активни предмети против струшкиот градоначалник. Оттаму посочија дека исклучително сериозно ги земаат предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на Мерко врз постапките.
Американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер пред неколку месеци ја најави црната листа на САД на која, како што рече, ќе се најдат имиња на функционери вмешани во корупција.