Претставен планот за деескалација на состојбата во Косово пред шефовите на ОБСЕ во Белград, Приштина и Скопје

Министерот за надворешни работи Бујар Османи со шефовите на мисиите на ОБСЕ во Северна Македонија, Србија и Косово, 2 јули 2023

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Скопје го презентираше планот од 9 точки кој, како што е соопштено, треба да помогне за деескалација на состојбата и да придонесе за постигнување траен мир и стабилност, како и за враќање на косовските Срби во институциите и во демократските процеси.

Тој оствари средба со шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и во Скопје, амбасадорите Јан Брату, Мајкл Девенпорт и Килиан Вал, во чиј фокус, како што информираат од МНР, била состојбата на северот на Косово и односите помеѓу Белград и Приштина.

„Охрабрувачки е да се слушнат нивните мислења за потенцијалните перспективи на планот за деескалација на ситуацијата што како Претседавач со ОБСЕ го претставив. Понудениот патоказ поттикнува атмосфера на дијалог и соработка“, рече Османи на средбата, наведуваат во соопштението од МНР.

Видете и ова: ЕУ официјално го информираше Косово за спроведувањето на мерките

Тој истакнал дека од особено значење е помирувањето како клучен приоритет чекор напред кон постигнување траен мир и соработка во регионот.

Покрај тоа, Османи пред шефовите на Мисиите на ОБСЕ во Србија, Косово и Скопје ги претстави и приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ фокусирани на Југоисточна Европа. Овие приоритети се насочени кон зајакнување на довербата, борбата против корупцијата и климатска акција.

Во насока на приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, Османи и амбасадорите разговарале и за претстојната Конференција за антикорупција во Југоисточна Европа што ќе се одржува во земјава.