Собирот пред телевизијата Пинк во Белград го одбележа деветтиот протест „Србија против насилството“ во Белград, на 1 јули.
Неколку илјади граѓани синоќа, на 1 јули, се упатија до оваа телевизија, каде сопственикот Жељко Митровиќ ги пречека со раширено знаме на Србија и силно обезбедување.
Одземањето на националната фреквенција на оваа приватна телевизија за, како што велат организаторите на протестот, промовирање насилство е едно од барањата од почетокот на протестите.
Бараат и одземање на националната фреквенција на приватната телевизија „Хепи“, како и итно укинување на програмите што „промовираат насилство, неморал и агресија“, како што се реалните шоуа.
Учесниците на протестот останаа пред зградата на телевизијата околу еден час скандирајќи „Излези“ и „Нема да правиме реалност“.
Протестите „Србија против насилството“, на покана на некои опозициски партии, се организираат еднаш неделно речиси два месеци и ја претставуваат реакцијата на граѓаните и опозицијата на одговорот на државата по двете масовни убиства што се случија на почетокот на мај во Белград.
Пратеникот на опозициската група „Морамо - Заједно“, Александар Јовановиќ Ќута, пред протестот изјави дека граѓаните сакаат мирно да прошетаат до таа телевизија, а не да ја „уништат“.
Сопственикот на телевизијата Пинк, Жељко Митровиќ, пред протестот на Твитер напиша дека уредувањето на програмата „не може да биде тема“, бидејќи програмата на Пинк „не ја уредува улицата“.
„Ако нешто е програмски спорно, Република Србија има институции кои дефинитивно би ме предупредиле на каква било неправилност што е во спротивност со постоечките закони и прописи“, напиша меѓу другото Митровиќ на 28 јуни.
Инаку, Митровиќ на 25 мај изјави дека во следните десет дена ќе ја откаже реалити програмата „Задруга“ на таа телевизија, по препорака на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Организаторите на протестот бараат и смена на Советот на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) и затворање на печатените медиуми и таблоидите кои промовираат омраза и насилство.
Од надлежните се побарани оставки од министерката за внатрешни работи Братислава Гашиќ и од директорот на безбедносно-информативната агенција Александар Вулин.
Протести и во други градови во Србија
Собири се одржаа во Крагуевац, Ниш, Краљево, Суботица, Нови Сад и во десетина други градови низ Србија. Граѓаните кои се собраа во Зрењанин пешачеа до фабриката „Линглонг“ во кинеска сопственост.
Бранислав Грубачки, основачот на движењето Нов оптимизам, вели дека Линглонг е „најголемата афера и правно насилство во земјата“.
„Инсталирањето на ваква фабрика на богато земјиште во срцето на Банат е насилство и тоа насилство ја одразува нашата порака“, рече тој.
Граѓаните на Суботица се собраа пред зградата Јадран во центарот на градот.
Татјана од Суботица за Радио Слободна Европа изјави дека дошла на протестот „да го крене гласот против насилството и како граѓанин и како просветен работник“.
Нејзината сограѓанка Данијела учествува на протестите бидејќи, како што истакна, не сака „неорганизирана држава“.
„Не сакам насилство, лоши медиуми, како се вработуваат луѓето, насилство на работа. Има многу простор да се подобрат работите“, смета таа.
Иван Седлак се радува што Суботица „конечно се разбуди“ и што нешто се случува во овој град.
„Луѓето конечно станаа, а јас дојдов да ги поддржам моите врсници, постарата генерација, да се обидат да променат нешто во овој систем“, изјави тој за РСЕ.
Зошто почнаа протестите?
Првите протести беа организирани на 8 мај во Белград, Нови Сад и уште неколку градови како реакција на граѓаните и дел од опозицијата на одговорот на државата по двете масовни убиства што се случија на 3 и 4 мај.
Девет деца и еден чувар беа убиени на 3 мај во вооружен напад на 13-годишен ученик во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград. Еден ден подоцна, во одделен инцидент, напаѓач уби осум и рани 14 лица во селата Мало Орашје и Дубона кај Младеновац.
Потоа, надлежните го зголемија полициското присуство во училиштата и ги повикаа граѓаните да го предадат оружјето на полицијата.
Власта ја обвини опозицијата дека со протести ја „политизира трагедијата“.
Српскиот претседател Александар Вучиќ претходно изјави дека организаторите „заслужуваат само презир“, но и повика на дијалог и најави можност за предвремени парламентарни избори.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ на 7 јуни понуди оставка и рече дека вонредните парламентарни избори се решение за кризата.
Претставниците на опозицијата одговорија дека темата не се вонредни избори и дека власта треба да ги исполни барањата на демонстрантите.