Шмит ги поништи антидејтонските закони на Собранието на РС и го измени Кривичниот законик на БиХ

Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит

Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, ги поништи антидејтонските закони донесени од Националното собрание на ентитетот Република Српска во врска со необјавувањето на одлуките на високиот претставник и непримената на одлуките на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.

Шмит донесе и одлука за измена на Кривичниот законик на БиХ со што дејствијата што го нарушуваат уставниот поредок ќе се третираат како кривично дело.

Народното собрание на ентитетот Република Српска гласаше за неприменување на одлуките на Уставниот суд на БиХ на територијата на ентитетот, што меѓународната заедница, но и дел од функционерите на БиХ го оценија како кршење на Дејтонскиот мировен договор и кршење на Уставот на Босна и Херцеговина.

Видете и ова: Шмит пред ОН: Сецесионистичката реторика во Република Српска e во пораст

Според законот, кој беше усвоен од Националното собрание на 27 јули, одлуките на државниот Уставен суд нема да се применуваат и извршуваат на територијата на РС додека Парламентарното собрание на БиХ не го изгласа Законот за Уставниот суд.

Претседателот на ентитетот на РС, Милорад Додик, кој долго време го критикуваше Уставниот суд дека има странски судии, го иницираше гласањето откако судот минатата недела одлучи да ги промени правилата за да може да свикува седници и да носи одлуки без српски судии, односно да ги спречи блокадите во работата на Судот поради потези од РС.

Дејтонскиот мировен договор, официјално потпишан на 14 декември 1995 година, стави крај на војната во Босна и Херцеговина. Анекс 10 на тој договор му доделува право на високиот претставник на меѓународната заедница, „да го следи спроведувањето на договорот“.