Визната политика во земјите од регионот го намали бројот на илегални имигранти за една четвртина

Илустрација

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, потврди дека илегалната миграција од регионот на Западен Балкан е намалена за една четвртина благодарение на усогласувањето на визната политика со Европската унија (ЕУ).

„Партнерите од Западен Балкан презедоа големи чекори за усогласување на нивната визна политика со визната политика на Европската Унија. Како резултат на тоа, од почетокот на оваа година забележавме намалување на нередовните премини од тој регион за 25 отсто, главно поради тоа усогласување на визната политика“, рече Фон дер Лајен на крајот од дводневниот самит на ЕУ.

Видете и ова: Унгарија и Полска го блокираа самитот на ЕУ поради мигрантите

Миграцијата беше камен на сопнување меѓу земјите-членки, бидејќи Унгарија и Полска го блокираа усвојувањето на заклучоците.

Во претходната година тројно се зголемил бројот на илегални мигранти кои ја користеле таканаречената „балканска рута“ во однос на 2021 година.

Видете и ова: Шолц го поддржа договорот на ЕУ за азил - „стариот систем беше нефункционален“

Повеќето мигранти го користеа безвизниот режим што нивните земји го имаа со Србија. Тоа беше причината што на крајот на 2022 година се отвори можноста за привремено суспендирање на безвизниот режим меѓу Србија и ЕУ.

По таа закана Србија воведе визен режим за граѓаните од таканаречените трети земји.