Граѓаните ќе запишуваат граѓански обврзници, а првата аукција ќе се одржи на 13 јули. Владата го промовираше новиот финансиски инструмент на домашниот пазар. Министерството за финансии го објави проспектот за првата аукција на вакви обврзници, на износ од 600 милиони денари. Минималната сума која може да се запише е 10.000 денари. Купонската камата ќе изнесува пет проценти, а рокот е две години.
„Новиот финансиски инструмент на пазарот носи бројни придобивки, како за граѓаните, така и за економијата во целина. Средствата кои ќе се мобилизираат преку аукцијата на граѓанските обврзници, ќе се искористат за буџетски потреби - за тековни потреби и за развојни цели и инвестиции во трајни добра,“ рече премиерот Димитар Ковачевски.
Видете и ова: Со повисоки камати се враќаат старите долговиГраѓанската обврзница, потенцираше премиерот, е со исклучително поволна каматна стапка од пет проценти на граѓаните ќе им донесе навистина солиден принос, ќе ги заштити нивните средства од инфлаторните движења, а воедно ќе инвестираат во најсигурниот финансиски инструмент кој постои на пазарот.
Министерот Бесими, посочи дека ова е нов момент за финансиите во државава, бидејќи овој инструмент содржи неколку аспекти во развојот на финансискиот пазар, односно, како што рече, граѓаните првпат ќе имаат можност директно да купуваат обврзници односно да инвестираат во проекти за развој на државата а притоа тие инвестиции да им се безбедни и да носат повеќе приноси.
Видете и ова: Банките „дерат“ со провизии„Ова е уште една можност особено во период кога се соочуваме со стапки на инфлација кои биле и двоцифрени а за кои очекуваме просекот во текот на годината да се намали, да се заштити заштедата на државата, особено на оние што имаат надвор од банкарскиот сектор да можат преку постојните закони да ги вложат во државни обврзници,“ оцени Бесими.
Како што појасни, граѓаните во која било банка можат да достават барање за учество на аукцијата и да извршат уплата на паричниот износ за кој сакаат да купат обврзници до 12 јули, а следниот ден ќе се одржи аукцијата кога точно ќе се знае интересот. По одржување на аукцијата, обврзницата ќе биде запишана на нивно име и секој граѓанин ќе знае дека поседува обврзница на државата.