Францускиот претседател Емануел Макрон не прогласи вонредна состојба поради насилните немири во земјата по убиството на тинејџер од страна на полицијата, но најави серија мерки насочени кон спречување на насилството.
Во кратката изјава по кризната средба на државниот врв поради немирите во земјата, Макрон рече дека смртта на младиот човек за кој се протестира е „инструментализирана“. Тој ја осуди „неприфатливата експлоатација на смртта на адолесцент“ и насилството, додавајќи дека „актуелната ситуација е неприфатлива и неоправдана“.
Како мерка најави дека ќе испрати уште повеќе полицајци на улица, а родителите да не пуштаат малолетници во вечерните часови. Тој тврди дека „не е одговорност на државата, туку на родителите да ги држат децата подалеку од неред“.
Тој рече дека и социјалните мрежи играат улога во поттикнувањето на насилството и дека ќе побара отстранување на „најчувствителните видови“ содржини.
МВР на 30 јуни соопшти дека во немирите ширум Франција се уапсени 875 лица.
Макрон претходно на 30 јуни го напушти европскиот самит во Брисел за да се врати во Франција на кризен состанок со министрите.
Жестоките судири меѓу полицијата и демонстрантите продолжија трета ноќ по ред во Париз за време на протестите кои започнаа на 27 јуни. Продавниците беа ограбени и запалени автомобили и покрај силното полициско присуство. Франција распореди 40.000 полицајци низ целата земја, но тоа не го спречи избувнувањето на насилството.
Немирите започнаа во вторникот, на 27 јуни, откако полицаец го уби 17-годишниот младинец од алжирско-мароканско потекло, Нахел М, кој се обидел да се оддалечи кога полицијата го запрела. Полицаецот кој пукал во Нахел му се извини на семејството. Тој е обвинет за убиство, а неговиот адвокат тврди дека е „уништен“.