Јулските сметки за струја ќе бидат со покачено ДДВ, бидејќи таква одлука донесе Владата и нема отстапки од ова. Според Министерот за финансии Фатмир Бесими со новата методологија се дава можност да се направи таква структура на потрошувачката за да се мотивира штедењето.
Не само цената, туку и потрошувачката е дел од тоа, вели Бесими во врска со завршувањето на мерката за примена на повластените стапки на ДДВ кај електричната енергија за домаќинствата.
Видете и ова: Евтина дневна тарифа за струја од први декември„Бидејќи веќе има и нова методологија, која е воведена од страна на Регулаторната комисија за енергетика, која всушност се редизајнира како што најавивме и тогаш, значи мерките постојано се прилагодуваат на нивото на кризата, и обликот на кризата во која што се наоѓаме и цените што сакаме да ги постигнеме. Со новата методологија се дава можност да се направи таква структура на потрошувачката, да се мотивира штедењето. Второ, воведувањето на четири блок тарифи значи дека оние кои имаат помало ниво на трошење, имаат пониска цена“, рече Бесими.
Пониска цена за електричната енергија и пониски трошоци за домаќинствата беше целта на измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност на Министерството за финансии, усвоен на 15 јули 2021 година од Собранието на РС Македонија. Според усвоените измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност, даночната стапка за прометот на електричната енергија кон домаќинствата се намали од 18 на 5 проценти.
Неодамна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски објави дека од 1 декември пак се враќа евтината дневна тарифа за електричната енергија во периодот од 13 до 15 часот,. Тоа, посочи Бислимовски, е максимумот што можевме да го направиме и очекуваме во наредниот период да почне промената на броилата. Тогаш истакна дека цената на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот.
Според Министерот за финансии новата одлука на Владата како ќе влијае врз пресметките се уште не се знае бидејќи тие се во тек. Посочи дека Владата му дала препорака на АД ЕСМ да оди со пониска цена од цената на чинење и дека тоа де факто значи субвенционирање на цената на електричната енергија во оваа фаза.
Дополнително, воведувањето на четири блок-тарифи, според Бесими, значи дека оние кои имаат помало ниво на трошење, имаат пониска цена така што ефектот од престанувањето на важењето на повластените стапки во некои групи ќе значи и намалување, односно во некои групи нема да има раст на цената.