Полска, поддржана од Унгарија, организираше бунт против миграциските реформи на Европската унија, што доведе до ќор-сокак на втор ден на самитот на унијата.
Земјите од ЕУ на почетокот на јуни постигнаа договор за долго закочената ревизија на правилата за азил , но Полска и Унгарија жестоко се противат на плановите.
Договорот има за цел да го сподели сместувањето на барателите на азил низ земјите на ЕУ, со оние кои одбиваат да платат пари на оние што примаат мигранти.
Полска и Унгарија беа надгласани за плановите. Но, за време на самитот што започна на 29 јуни, лидерите на земјите одбија да поддржат каква било конечна изјава за миграцијата.
Полска сакаше лидерите да вклучат линија дека одлуките за толку чувствително прашање се носат „со консензус“, што значи едногласност, се вели во текстот во кој увид има АФП.
Исто така, сака формулација дека миграциската политика „треба да се заснова на суверените права на земјите-членки“.
Земјите побараа во сите заклучоци да има одредба дека правилата за азил имаат поддршка од секоја земја-членка на ЕУ. Другите водачи на ЕУ го отфрлија ова барање.
Po nеуспехот да се постигне договор на првиот ден од самитот, лидерите решија повторно да разговараат на оваа тема на вториот и последен ден од собирот.
„Се надеваме дека ноќта е добар советник“, рече белгискиот премиер Александар Де Кро.
„Во Европскиот совет се води огромна битка за миграцискиот пакт. Брисел се залага за про-миграциски текст, додека полско-унгарското дуо заедно се бори и дава отпор“, напиша на Твитер Балаш Орбан, личност блиска до унгарскиот премиер Виктор Орбан, но не и роднина.
Европските дипломати сугерираа дека Полска ќе биде потешко да се убеди отколку Унгарија.
Полска моментално е домаќин на повеќе од милион украински бегалци кои ја напуштија Украина по руската инвазија минатата година.
Но, Варшава долго време се спротивставува на какво било распределување на мигрантите, обично од Африка, Азија и Блискиот Исток, а кои пристигнале во Грција или Италија.