Курти објави свој план за деескалација на северот на Косово

Kосовскиот премиер Албин Курти

Помалку косовска полиција на северот, предвремени избори, повлекување на српските демонстранти и некои барања до српските власти се дел од предлозите на косовскиот премиер Албин Курти за деескалација на ситуацијата на северот на Косово.

Курти, на 29 јуни, во видео порака, го објави својот план за деескалација на ситуацијата на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население.

Според тој предлог, косовската полиција ќе го намали присуството на северот од земјата и околу општинските згради пропорционално со намалување на насилството, додека на цивилниот сектор и на членовите на меѓународните мисии ќе им биде дозволено да ги следат судските постапки на уапсените за насилство.

Потоа, според планот на Курти, треба да се организираат предвремени избори во четири општини на северот на Косово, што би било можно со петиција од 20 отсто од запишаните во избирачкиот список.

Тензиите на северот на Косово се зголемија на крајот на мај, кога косовските власти одлучија да ги преземат општинските згради на северот со помош на полицијата.

На ова остро се спротивстави локалното српско население кое ги бојкотираше изборите во април минатата година и не прифаќа градоначалници Албанци.

Тие веќе еден месец протестираат секој ден со барање сите специјални единици на косовската полиција да бидат повлечени од северот и градоначалниците да не доаѓаат на работа. Тие бараат и ослободување на уапсените, кои косовските власти ги обвинуваат за „нарушување на уставниот поредок“, напади врз полицијата, КФОР и на новинарите.

Курти во својот предлог за деескалација има барања и до Србија.

Тој бара да се повлечат „насилните демонстранти пред општинските згради и околните места“, оние кои ги прекршиле косовските закони да се обврзат на соработка со обвинителството и Србија да ја намали борбената готовност на армијата долж границата со Косово.

Курти, исто така, бара од официјален Белград да не се меша во „правото на граѓаните од српска националност и на сите политички партии слободно да учествуваат на изборите“.

Видете и ова: Сите предлози за намалување на тензиите меѓу Косово и Србија


Курти вели дека ја изразил својата безусловна посветеност на дијалогот со Србија за нормализација на односите и додаде дека овој план им го претставил на посредниците во процесот од ЕУ, високиот претставник Жосеп Борел и специјалниот пратеник Мирослав Лајчак.

Западните земји и Европската унија (ЕУ) во најголем дел одговорноста за подигање на тензиите ја префрлија на Косово и бараат итна деескалација.