Фрлена експлозивна направа на полициски пункт во Северна Митровица, нема повредени

Контролниот пункт по фрлената експлозивна направа, 29 јуни 2023 година.

Експлозивна направа била фрлена на киоск во Северна Митровица, кој косовската полиција го користела како контролен пункт. Направата била фрлена во раните утрински часови на 29 јуни.

Заменик-директорот на косовската полиција за северниот регион Ветон Елшани за Радио Слободна Европа изјави дека нема повредени, односно дека во моментот на нападот во овој импровизиран пункт немало полицаец.

„Се верува дека експлозијата била предизвикана од пиротехника во комбинација со запалив материјал“, изјави Елшани.

Тој додаде дека е причинета материјална штета, односно дека е оштетен киоскот што го користела полицијата.

Ден претходно, косовскиот премиер Албин Курти придружуван од министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља ги посети полицајците во оваа општина.

Српската листа, најголемата партија на косовските Срби, таа посета ја оцени како „провокација“.

Видете и ова: Сите предлози за намалување на тензиите меѓу Косово и Србија

На северот на Косово од крајот на мај има зголемени тензии поради одлуката на косовските власти да ги преземат општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, со цел градоначалниците Албанци да имаат пристап до нивните канцеларии. Србите, кои го сочинуваат мнозинството во тие општини, остро се спротивставија затоа што ги бојкотираа априлските избори и не ги прифаќаат резултатите.

Додека Приштина и Белград меѓусебно се обвинуваат, меѓународната заедница постојано повикува на деескалација.