Притисок врз работата на антикорупционерите и оркестриран обид за дефокусирање на јавноста. Вака Државната комисија за спречување на корупцијата ја оцени изјавата на првиот вицепремиер на Владата, Артан Груби за кого имаат и отворено предмет, кој во телевизиско интервју на ТВ Сител на 27 јуни изјави дека не верува во капацитетите на ДКСК и дека немаат ниту еден успех откако се избрани.
Во соопштение до јавноста, Државната комисија за спречување на корупцијата на 28 јуни реагира на изјавата на Груби, велејќи дека институцијата има капацитет да се избори со нападите на вицепремиерот.
„Во право сте господине Груби, Антикорупциска нема капацитет да се вози во службени возила 24/7 и за приватни цели, да злоупотребува државни простории, да користи репрезентација и службени платежни картички, ниту да се расфрла со буџетски пари. Но, бидете уверени дека има капацитет да ги исполни своите законски обврски и надлежности и да изработи бројни иницијативи и препораки кои сè уште чекаат ред и време за да се постапи по нив“, се вели во соопшението.
Од ДКСК напоменуваат дека четири години по ред во извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, институцијата добива позитивни оценки за својата проактивност и отворање случаи против високи функционери. Антикорупционерите сметаат дека со ваквите ставови вицепремиерот Груби, не ја признава оценката на ЕК и изнесува неосновани обвинувања.
Видете и ова: ДКСК отвори предмет за вицепремиерот ГрубиАнтикорупциска на 27 април отвори предмет за Артан Груби и го испитува неговиот имот и имотот на членовите на неговото семејство, откако ВМРО-ДПМНЕ со документи обвини дека неговиот брат за 100 илјади евра купил деловен простор од 127 метри квадратни во строгиот центар на Скопје. Имот кој според партијата вреди до половина милион евра.