„Наша должност во најбрз рок да ја почнеме парламентарната дискусија за уставните измени. Крајот на јули е моментот кога Собранието паузира, па сметам дека треба до тогаш да се случи првото гласање. Целата постапка треба да заврши до крајот на ноември“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на 28 јуни во телевизиско интервју за ТВ 24.
Вицепремиерот вели дека минатите уставни измени Северна Македонија ги направила за три месеци и сметам и дека и сега ќе се создадат услови за двотретинско гласање. Според него, постои оптимизам дека европската перспектива може да стане реалност со заедничка одговорност на сите парламентарни партии.
„Целата постапка треба да заврши до крајот на ноември. Нема да се откажеме од дијалогот, дијалогот е најдобро средство и ќе се обратиме до секој пратеник, до секоја политичка партија затоа што сметаме дека сите имаат одговорност. Ако цела европска и светска јавност ни вели дека сега е вистинскиот момент и ние знаеме што се нашите обврски, вистинското место, вистинското време за отворање на дијалогот е сега, по 17 години во чекалната на ЕУ, државата и граѓаните немаат време за губење“, истакна Маричиќ.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на брифингот со новинари одржан на 27 јуни, истакна дека Собранието во секој момент е подготвено да ја почне постапката за уставни измени. Но, кажа и дека нема најава кога уставните измени би можеле да влезат во собраниска процедура.
Како што рече Џафери, пратениците се во постојано заседание, така што дури и да треба да се гласа во август за утврдување на потребата за уставни измени, за нив нема да има никаква пречка.