Над 238.000 убиени во конфликти ширум светот во 2022 година

Жителите и полицијата стојат до куќите уништени во воздушен напад за време на борбите меѓу етиопските национални одбранбени сили и силите на Народниот ослободителен во регионот Афар, Етиопија, 25 февруари 2022 година.

Бројот на загинати од конфликти ширум светот минатата година надмина 238.000, што е највисока бројка од геноцидот во Руанда во 1994 година, покажува Глобалниот индекс за мир, кој го објави Институтот за економија и мир на 28 јуни.

Глобалниот индекс на мирот го рангира глобалниот мир во 163 земји врз основа на 23 квалитативни и квантитативни показатели, составувајќи листа од најмирните до најмалку мирните земји. Според индексот, светот стана помалку мирен веќе деветта година по ред.

Конфликтот во Етиопија однесе убедливо најмногу жртви минатата година. Повеќе од 100.000 се пријавени дека биле убиени таму во борбите во 2022 година. Најмалку двапати од тој број починале од болести и глад предизвикани од борбите меѓу владините сили на Етиопија и Еритреја и бунтовниците на Народноослободителниот фронт.

Руската инвазија на Украина беше на второ место со најмалку 82.000 мртви. Експертите на Институтот проценуваат дека 65 отсто од украинските мажи на возраст меѓу 20 и 24 години или побегнале или биле убиени во војната. Повеќе од 30 отсто од украинското население станале бегалци или во својата земја или во странство.

Видете и ова: Русија изврши смртоносен ракетен напад врз Криви Рих, има загинати

Меѓу индикаторите земени во предвид во Глобалниот индекс на мирот се смртните случаи од внатрешни и надворешни конфликти, стапката на убиства, степенот на милитаризација, извозот на оружје, тероризмот, политичката нестабилност и бројот на затвореници.

Исто така, извештајот ги проценува економските трошоци од вооружениот конфликт. Минатата година овие трошоци достигнаа 17,5 милијарди долари, што одговара на 13 отсто од глобалниот бруто-производ.

Според извештајот, пет земји, САД, Русија, Германија, Франција и Кина сочинуваат три четвртини од вкупниот глобален извоз на оружје. Исланд, Данска и Ирска се најмирни земји, додека Авганистан, Јемен и Сирија се најмалку мирни.