Австрискиот амбасадор во земјава, Георг Вуцас, бара да се сменат судии, обвинители и да одговараат нотари и извршители во Северна Македонија, оти го одолговлекувале процесот на наплата на долг што македонска фирма го има кон австриска фирма, инвеститор во земјава. Македонската фирма, во меѓувреме, го префрлила имотот на друго име и сега долгот не може да биде наплатен.
Во соопштението Австриската амбасада наведува дека Атанас Костов, сопственикот на македонската фирма ДЕНА ПРОДУКТ Увоз Извоз Велес најголем дел од фирмата го префрлил во компанијата ГЛОБАЛ ТРЕЈД ДММ ДООЕЛ Валандово во сопственост на неговата сопруга Емилија Заева Костова, која пак е роднина на поранешниот премиер од СДСМ, Зоран Заев.
Австриската фирма АММА импорт експорт џи-ем-би-ејџ AMMA Import Export GmbH), која се занимава со трговија на земјоделски производи е во спор со македонската ДЕНА.
Македонската и должи на австриската околу 4,5 милиони евра, одлучил реномиран меѓународен арбитрар. И чекајќи македонските судови да ја потврдат пресудата на меѓународниот арбитрар, македонската фирма, како што се наведува во соопштението, со поддршка на сродни компании, извршители и нотари, презема активности за да го спречи легитимните побарувања од австриската фирма.
Преку соопштение Австриската амбасада во земјава, прашува што ќе надвладее – владеење на правото и заштита на австриски инвестиции во Северна Македонија или криминални договори за заробување на судството и правните службеници.
Од Амбасадата го критикуваат судскиот систем во земјава, оти австриската фирма не може да си го наплати долгот од македонска фирма и покрај тоа што арбитражен суд пресудил во корист на австриската фирма. Патот на извршување на меѓународна арбитражна одлука во Северна Македонија претставува предизвик и ги загрозува инвестициите преземени од австрискиот инвеститор, се наведува во соопштението.
Австрискиот амбасадорот Георг Вуцас неодамна преку писмо побарал од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители итно да ги отстранат сите неспособни и пристрасни судии и обвинителите во овие случаи.
„Секој притисок и влијание се некомпатибилни со независноста на судството и мора да се пријават за понатамошно постапување“, стои во соопштението.
Покрај тоа, Амбасадорот Георг Вуцас ги повикува надлежните комори на извршители и нотарите да ги укинат лиценците на правните службеници кои ги злоупотребиле или се за злоупотреба на нивните овластувања.
Австриската амбасада наведува дека будно ќе ги следи понатамошните случувања во оваа работа.
„Ако заложбата за борба против корупцијата и организираниот криминал е сериозна, сега е време да се погледне, а не да се гледа настрана!“, велат од амбасада на Австрија.
Поранешниот премиер Зоран Заев реагираше на јавното обраќање на австрискиот амбасадор Георг Вуцас. Тој целосно негира негова вмешаност во споменатито деловен спор.
„Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација нема да можам ништо друго да превземам освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот“, реагира поранешниот премер.