„Регионот мора да најде консензус за заеднички да го забрза процесот на интеграција. Членството во Европската Унија треба да се гледа како постојан баланс на взаемна одговорност и придобивки“, рече претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, на отворањето на самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Подгорица.
ПСЈИЕ е регионална иницијатива основана во јуни 1996 година, со цел унапредување и зајакнување на добрососедските односи меѓу земјите од Југоисточна Европа.
Милатовиќ оцени дека заканите кои произлегуваат од руската инвазија на Украина ја доведоа безбедноста на врвот на регионалните и европските агенди. Укажувајќи на длабоката загриженост на членките на ПСЈИЕ поради тензиите во регионот, тој рече дека очекува одржливи решенија да се постигнат преку мир и дијалог.
Видете и ова: „Западнобалкански КВАД“- нова иницијатива без сите земји од регионотКако позитивен развој на европската агенда во изминатата година, Милатовиќ ги спомена отворањето на преговорите со Скопје и Тирана, доделувањето кандидатски статус на Сараево и Кишњев и одобрувањето на визната либерализација за Приштина. На Самитот ќе биде усвоена заедничка Декларација.
На овој самит, Црна Гора го завршува претседавањето со иницијативата, а на 1 јули него го презема Северна Македонија.
Членки на ПСЈИЕ се: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Северна Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција и Косово.
На самитот присуствуваат македонскиот претседател Стево Пендаровски, косовскиот претседател Вјоса Османи, бугарскиот и албанскиот претседател Румен Радев и Бајрам Бегај, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, вицепремиерот на Молдавија Олег Серебријан, турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, како и претставници на Романија, Грција и Словенија.