Од 1 декември се враќа евтината дневна тарифа за електричната енергија во периодот од 13 до 15 часот, објави денеска на прес-конференција претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
Тоа, посочи Бислимовски, е максимумот што можевме да го направиме и очекуваме во наредниот период да почне промената на броилата.
„Евтината тарифа не ја воведуваме од какви било политички причини, туку заради сигналот на цената на електрична енергија на сите берзи во Европа, вклучувајќи ја и нашата. Цената на електричната енергија осум месеци наназад е пониска дури и од цената после 24 часот“, рече Бислимовски.
Видете и ова: Власта најави разговори за нов модел за пресметување на цената на струјата
Откако лани беа воведени блок тарифите, броилата имаат четири позиции во кои се регистрира скапата тарифа, а сега треба дополнително да се воведе и евтина тарифа, така што на операторот на дистрибутивниот систем му треба време за да се сетираат сите броила. Време е потребно и да се промени системот за сметки за да може да се фактурира евтината тарифа.
Во моментот граѓаните користат само ноќна евтина струја од 22 до 06 часот наутро, како и во недела цел ден. Дневната евтина тарифа беше укината од декември 2021 година.