Белорускиот лидер Александар Лукашенко во обраќањето на 27 јуни рече дека ја ставил војската на земјата во целосна борбена готовност поради неодамнешниот вооружен бунт во Русија од страна на борците од платеничката група Вагнер.
Лукашенкo тврди дека бунтот е дел од наводната закана од „Западот“.
„Мораме да бидеме посилни од заканата што уште еднаш фрла сенка врз нашата земја. И повторно доаѓа од Запад“, изјави Лукашенко.
Тој, исто така, тврди дека белоруските граничари „речиси секој ден“ известуваат за „провокации“ на НАТО. Претходно истиот ден, приватен деловен авион кој порано го користеше шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, слета во воена воздухопловна база надвор од белорускиот главен град Минск.
Видете и ова: Матвеева: Вагнер може да го засили регрутирањето надвор од Русија, Западен Балкан една од опциитеКризата во Русија стивна откако Лукашенко, наводно, посредувал за договор што му дозволил на Пригожин, кој беше познат како „готвач“ на рускиот претседател Владимир Путин бидејќи неговите компании се грижат за официјални настани, да патува во Белорусија.
Путин во говорот на 26 јуни рече дека борците на Вагнер може да одат во Белорусија доколку не сакаат да се приклучат на руската армија.
Авионот „Ембраер 600“ кој се поврзува со Пригожин слета околу 7:40 часот по локално време. Неколку минути подоцна, вториот приватен авион слета во базата по пристигнувањето од Санкт Петербург, родниот град на Пригожин и локацијата на седиштето на Вагнер. Се уште не е јасно дали Пригожин, кој не е виден од бунтот на 24 јуни, бил во еден од овие два авиони.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) објави дека се откажала од кривичната постапка против борците на Пригожин и Вагнер, откако истрагата покажа дека „активностите насочени кон извршување на злосторства престанале“ за време на востанието.
Краткиот бунт на Вагнер беше најзначајниот предизвик за Путин за време на неговото повеќе од две децении владеење во Русија.