Продолжува економското закрепнување во земјата, има простор за повисоки плати во јавниот сектор, но да се внимава на инфлацијата, се наведува во прелиминарните наоди на мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) која престојуваше во земјава од 5 до 9 јуни.
ММФ оценува дека е разбирливо што работниците во јавниот сектор бараат повисоки плати. Бидејќи растот на цените ја намали куповната моќ на домаќинствата.
Во изминатите недели во Северна Македонија на протест излегоа вработени во Царина, во Управа за јавни приходи, вработени во културата, во образованието, во судските служби. Сите бараат повисоки плати. Револтот особено се засили откако во април избраните и именувани функционери почнаа да зимаат плати зголемени за 78 проценти. Власта вели дека се бара целосно решение за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор, но дека нема да се решаваат поединечни случаи.
„Веќе има простор во буџетот на централната влада да се приспособи за зголемување на масата за плати од близу 10 проценти, слично на проектираната стапка на инфлација за 2023 година, вклучително и усогласувањето на минималната плата оваа година. Сè што е над ова би создало големо и трајно оптоварување на буџетот, а исто така би ризикувало да ги истисне другите суштински трошоци. Големите зголемувања на платите, исто така, носи ризик да ја претворат привремено високата инфлација во постојано висока инфлација, сметаММФ.
Видете и ова: Барањето на Ковачевски - притисок врз штрајкувачите во УЈП и ЦаринаММФ посочува дека доцни усвојувањето на реформата на даночната политика и солидарниот данок, што можат да ги компромитираат даночните приходи и да ги загрозат приоритетните трошоци. Во овој контекст, даночната реформа треба да се усвои без одлагање, посочува ММФ.
Во извештајот се наведува дека е во тек е економско закрепнување на Северна Македонија, со реален раст на БДП проектиран на 2,1 отсто оваа година, а 3,4 проценти во 2024 година. Потрошувачките цени се очекува годинава да пораснат во просек за 9,2 отсто, 3,5 отсто во 2024, а до 2026 година да се вратат на 2 отсто, се наведува во прелиминарните наоди на мисијата на ММФ која престојуваше во земјава од 5 до 9 јуни.