Амбасадорката на Соединетите Држави во Москва, Лин Трејси, директно контактираше со руските власти викендов за да ги увери дека САД „не се вклучени“ во неуспешниот бунт на паравоената група Вагнер во Русија, соопшти Стејт департментот.
Амбасадорката Трејси, како и американските претставници кои стапиле во контакт со руската амбасада во Вашингтон, рекле дека „САД не се и нема да бидат вклучени“ во настаните што ја потресоа Русија, изјави во понеделникот вечерта портпаролот на Стејт департментот Метју Милер, пренесе АФП.
Американските власти, исто така, рекоа дека „се надеваат дека Русија ќе ги исполни своите обврски за заштита на амбасадата и дипломатскиот персонал“ со седиште во Москва.
Дипломатските односи меѓу Вашингтон и Русија се на најниско ниво по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, а разговорите на високо ниво најмногу се однесуваат на американските затвореници во Русија.
Видете и ова: Лавров: Истражуваме дали Западот стои зад бунтот на „Вагнер“Платениците на паравоената група Вагнер се побунија откако нивниот лидер Евгениј Пригожин ја обвини руската војска дека извршила смртоносен напад врз неговите сили во Украина, каде што се борат за Русија.
Шефот на групата Вагнер, Евгениј Пригожин, го прекина краткиот воен марш кон Москва по целодневен бунт, од раните утрински часови на 23-ти до 24-ти јуни.
Рано утрото на 24 јуни, тие зазедоа важни локации во Ростов на Дон, стратешки важен град за агресијата против Украина и се упатија кон Москва, каде беа воведени антитерористички мерки.
Со посредство на белорускиот претседател Лукашенко беше договорено Пригожин да се пресели во Белорусија и неговите војници да не бидат казнети за бунтот.