Четиричлена комисија од јавни обвинители од Јавното обвинителство на РСМ (ЈОРСМ) денеска врши надзор на постапувањето во предметите поврзани со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко во Основното јавно обвинителство Струга и Вишо јавно обвинителство ЈО Битола, информираат од ЈОРСМ.
Од Јавното обвинителство посочуваат дека по целосните проверки на постапувањето, комисијата ќе изготви извештај.
Обвинителството во четвртокот соопшти дека има шест активни предмети против струшкиот градоначалник. Оттаму посочија дека исклучително сериозно ги земаат предвид сознанијата на американскиот Стејт департмент за потенцијално влијание од страна на Мерко врз постапките.
Видете и ова: Мерка за Мерко – непожелен во САД, прв на проширената „црна листа“„Од тие причини, Обвинителството итно по секој предмет ќе ја испита законитоста и ажурноста во постапувањата и евентуалното вршење влијание во постапувањето по предметите. За сите обвинители за кои ќе се утврди дека постапувале неажурно, нестручно и потпаднале под влијание ќе се поведе постапка за одговорност, а јавноста ќе биде соодветно информирана“, соопшти ЈО во четвртокот.
Градоначалникот Мерко пак денеска соопшти дека ќе биде отворен за соработка за секој процес пред правосудните органи и оти и општината и тој ќе ја достават навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација.
„Oд страна на Општина Струга, како и од моја страна, ќе ја доставyвам навреме и што е можно поскоро секоја потребна документација, бидејќи секогаш сум бил транспарентен за органите на правдата и за сите други институции. Притоа, во интерес на процесот, решив да ја замрзнам секоја активност во партиските структури до затворање на важните процеси за сите“, наведува Мерко во соопштението до јавноста.
Името на струшкиот градоначалник се најде на црната листа на Соединетите Држави. Санкцијата се однесува и сопругата на Мерко, Шпреса, и неговите три возрасни деца, Генц, Назмије и Дренуша. Потесното семејство на Мерко се смета за „неподобно“ за влез во САД.
Американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер пред неколку месеци ја најави црната листа на САД на која ќе се најдат имиња на функционери вмешани во корупција.