Зеленски и Бајден разговарале за бунтот на Вагнер во Русија

илустрација

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски изјави дека синоќа телефонски разговарал со неговиот американски колега Џо Бајден за саботниот бунт на руската паравоена група „Вагнер“ во Русија.

„Разговаравме за текот на непријателствата и „процесите“ што се случуваат во Русија. Светот мора да изврши притисок врз Русија додека не се воспостави меѓународниот поредок“, објави украинскиот претседател на социјалните мрежи, поздравувајќи го „позитивниот и инспиративен разговор“ со Бајден.

„Лидерите разговараа за неодамнешните настани во Русија“, потврди и Белата куќа во соопштението.

Зеленски додаде дека со Бајден исто така разговарале за натамошно продлабочување на соработката во областа на одбраната, со фокус на оружјето со голем дострел.

Во меѓувреме и Олексеј Резников, министерот за одбрана на Украина, рече дека тој и американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговарале за контраофанзивата на Украина и следните чекори за градење сили.

„Работите се движат во вистинска насока“, напиша Резников на Твитер.

Иако украинските власти рекоа дека хаосот во Русија оди во корист на Киев, останува да се види дали Зеленски и неговата армија можат да ја искористат конфузијата во Москва за да ги вратат териториите што сега се окупирани од Русија.

Серхи Черевати, портпарол на источната воена команда на Украина, во неделата изјави дека армијата на Киев напреднала 600 метри до 1 000 метри од претходниот ден во близина на Бахмут, град кој силите на Вагнер го освоија во мај по неколкумесечни борби.

Зеленски неодамна рече дека контраофанзивата била „побавна од посакуваното“.

Видете и ова: Британско разузнавање - Украина постојано напредува во контраофанзивата

Од петокот вечерта до саботата вечерта, водачот на групата „Вагнер“, Евгениј Пригожин, чии луѓе се борат заедно со руската регуларна армија во Украина, водеше вооружен бунт на руска територија, чија цел беше да ја собори командата на армијата со која беше веќе во отворен конфликт неколку месеци.

Но, откако во саботата вечерта беше постигнат неочекуван договор меѓу Пригожин и Кремљ, при што белорускиот претседател Александар Лукашенко беше посредник, а лидерот Вагнер објави крај на неговата операција, оставајќи многу прашања неодговорени.

Руското претседателство соопшти дека Пригожин ќе замине од Русија во Белорусија и дека нема да биде кривично гонет, ниту луѓето кои го придружуваа во акцијата.