Полицијата приведе стотина учесници на Парадата на Гордоста во Истанбул и Измир

Членови и поддржувачи на ЛГБТК заедницата држат знамe во боите на виножито и извикуваат слогани за време на неовластениот Марш на гордоста во Истанбул, на 25 јуни 2023 година.

Турската полиција уапси најмалку 50 лица во неделата откако ЛГБТ заедницата во Истанбул го одржа својот годишен Марш на Гордоста, јавува Ројтерс.

Владата предводена од претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата партија на Правдата и развојот(АК) со исламистички корени го заостри својот став за слободите на ЛГБТК+ заедницата. Говорејќи по неговата изборна победа минатиот месец, Ердоган ги обвини опозициските партии дека се „про-ЛГБТ“.

Во неделата, полицијата за справување со немири спречи пристап до авенијата Истиклал, традиционалното место за Паради на гордоста, како и до централниот плоштад Таксим. Улиците во близина беа блокирани, а јавниот превоз во областа беше суспендиран.

Во неделата попладне, стотици луѓе носејќи знамиња со боите на виножито се собраа во паркот Мистик во областа Шишли.

Тие извикуваа слогани додека организаторите читаа изјава за одбележување на Неделата на гордоста. На катната гаража во близина беше закачено големо знаме со боите на виножито.

Групи луѓе кои носеа знамиња со виножито маршираа по улиците на квартот Шишли пред организаторите да ги повикаат да се разотидат.

Полицијата приведе повеќе од 50 луѓе по маршот, соопштија организаторите. Канцеларијата на Амнести интернешенел во Турција соопшти дека најмалку едно лице се здобило со повреди на главата додека било приведено од полицијата.

Организаторите рекоа дека нивната заедница веќе била цел на Ердоган.

„Не ја прифаќаме оваа политика на омраза и негирање“, се вели во нивната изјава во Истанбулската недела на гордоста на ЛГБТИ+.

Во крајбрежниот град Измир, третиот по големина во земјата, полицијата уапси најмалку 44 лица во неделата, откако властите го забранија маршот на гордоста, соопшти организаторите на маршот.

Видете и ова: На Парадата на гордоста во Истанбул уапсени 200 луѓе


Хомосексуалноста не е злосторство во Турција, но непријателството кон неа е широко распространето, а полициските мерки против парадите на гордоста станаа поостри со текот на годините.

Гувернерот на Истанбул, Давут Ѓул, овој месец на Твитер рече дека нема да биде дозволена каква било активност што ја загрозува традиционалната семејна структура.