Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ секој ден се јавува во опозициската партија за да види дали се подготвени да разговараат за уставните измени, изјави на 25 јуни премиерот Димитар Ковачевски.
Тој тврди дека нема комуникација со кој било пратеник, без разлика од која политичка партија е, надвор од процесите на Собранието.
Премиерот вели дека ВМРО-ДПМНЕ треба да остане на нивниот став искажан јавно за учество во процесот на уставни измени. Ковачевски вели дека на опозицијата ќе и даде простор за да учествува во овој процес, но дека тој нема да застане заради, како што вели, нерешителноста на опозициската партија.
Уставните измени со кои треба да се вметнат Бугарите во македонскиот Устав е услов за формално почнување на преговорите на земјата за членство во Европската унија по завршувањето на скринингот. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство од 120-члениот парламент во Скопје, но засега, такво мнозинство нема.
Премиерот вели дека Владата во наредниот период ќе ги разгледа во детали материјалите од Министерството за правда доставени од работната група за подготовка на уставните измени и тие потоа ќе бидат доставени до Собранието.
„Ова е процес за којшто не треба да се брза“, рече Ковачевски.
„Без избрзување, секој да може да се вклучи во овој многу важен процес затоа што како државата ќе продолжи понатаму ќе и требаат уште стратешки важни одлуки со двотретинско мнозинство. Скринингот веќе почна да покажува недостатоци во многу области на државата. Гледате што се случува во судството. Ќе треба да се прават реформи. Тоа се сè двотретински закони, истакна Ковачевски.
На прашање дали е подготвен да се пробијат роковите, премиерот рече дека Преговарачката рамка е многу јасна и се работи согласно тие рокови. Земјата има рок до крај на годината да ги усвои уставните измени за да може да се одржи втората меѓувладина конференција со ЕУ и да почне отворањето на поглавја.