Вучиќ - Не е достигнат врвот на ескалацијата на ситуацијата на Косово

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека не е достигнат врвот на ескалацијата на ситуацијата на Косово и дека косовскиот премиер Албин Курти сака војна.

„Тој сака да се случи тоа што јас сакам да го избегнам. Не сме стигнати до врвот на ескалацијата на кризата на Косово, како што мислат некои, туку Курти сака војна. Тој го посакува тоа“, рече Вучиќ за ТВ Пинк.

Тој рече дека Курти нема да дозволи да се формира Заедница на општини со српско мнозинство, иако таа мора да биде формирана во „согласност со потпишаните принципи“.

Косовските безбедносни сили, тврди Вучиќ, се „сè поопремени“, пред сè со турско вооружување. Косово, рече тој, прави војска, што не би смеело според резолуцијата на Советот за безбедност на ОН.

„Турците им дадоа многу моќно противоклопно оружје, минофрлачи, дронови Бајрактар, хаубици“, рече Вучиќ.

Тој наведе дека Србија затоа се откажала да купи дронови од Турција, но дека голем број дронови камиказе наскоро ќе стигнат во Војската на Србија од други држави, меѓу другото и од Кина.

Запрашан за односот на Соединетите Американски Држави кон Србија, Вучиќ оцени дека „Американците немаат ист став кон Србија како во 90-тите години“, туку дека тој став е „многу подобар“.

„Тие само имаат ист став кон Косово“, рече тој, и додаде дека мора да се пази „што ќе речат и Западот и Истокот“.

Видете и ова: ЕУ нема да толерира ескалација на северот на Косово, твитна Борел


Вучиќ најави дека денеска треба да се сретне со Србите од северот на Косово каде што тензиите се зголемени од крајот на мај, кога со полициска асистенција влегоа новоизбраните градоначалници од албанска националност во општинските згради во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Локалното српско население, кое ги бојкотираше изборите, се спротивстави на тоа и оттогаш секојдневно протестира со барање новите градоначалници да не доаѓаат на работа и да се повлече полицијата.

Западните земји повторуваат дека бараат итна деескалација и враќање на дијалогот за нормализација на односите.