Британско разузнавање - Украина постојано напредува во контраофанзивата

Украински тенк во Донецк, 17 јуни, 2023

Британското Министерство за одбрана на 25 јуни, во својот редовен дневен брифинг за случувањата во Украина, објави дека војската на Украина прави „постепен, но постојан тактички напредок“ во деловите на земјата што се под контрола на Русија.

„Украинските сили повторно се позиционираа и продолжуваат со големите офанзивни операции на три главни оски во јужна и источна Украина“, објави Министерството на Твитер во секојдневното ажурирање на податоци за конфликтот.

Тие го искористеа искуството од првите две недели од контраофанзивата за „да ја усовршат тактиката за напад на длабоката, добро подготвена руска одбрана“, се додава во извештајот.

Руските сили, од друга страна, направија „значителни напори“ да напредуваат во шумската област во близина на Кремин во источниот регион Луганск.

Видете и ова: Украина погодена од уште еден бран руски напади, продолжуваат тешките борби во Доњецк

„Ова веројатно ги одразува постојаните наредби од руското раководство да се оди во офанзива секогаш кога е можно“, соопшти Министерството, повикувајќи се на извештаи на британските разузнавачи.

„Русија постигна некои мали успеси, но украинските сили спречија пробив“.
Украина на почетокот на јуни започна контраофанзива за да ја врати територијата окупирана од руските сили.