Четвртата Парада на гордоста во Скопје се одржа под мотото Горди и гласни.
Учесниците се собраа во Паркот Жена во центарот на градот, а потоа по поздравните говори Парадата на гордоста продолжи со марш по скопските улици.
Парадата проследена со музика, помина без инциденти, но под силно полициско обезбедување. Улиците во централното градско за време на протестот беа затворени за сообраќај.
Настанот вечерта продолжи со културно-забавна програма на стадионот на Армијата во Градскиот парк.
Лила Милиќ, трансродово лице пред почетокот на маршот изјави дека Скопје Прајд и другите паради на гордоста се празници на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните, но и повод за славење на жилавоста и борбата за еднаквост.
Таа додаде дека на светско ниво, трансродовите жени се изложени на убиство од омраза. Од 2008 година во светот се евидентирани 4.039 убиства.
Мајка на лице со различна сексуална ориентација изјави дека важно е родителите да разберат дека нивните деца имаат бројни квалитети и вредности и оти ја заслужуваат нивната безрезервна поддршка, внимание, грижа, посветеност без оглед на нивната сексуална ориентација и родов идентитет.
„Сексуална ориентација и родов идентитет не е избор на нашите деца, тие не избираат да бидат различни, но различни се само по својата сексуална ориентација“, рече таа.
Парадата на гордоста е во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Поддршка на учесниците на Парадата дадоа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерките за труд и социјална политика Јована Тренчевска и за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничката Маја Морачнин и други лица од јавниот и општествениот живот.
За разлика од минатата година, на овогодинешната Парада имаше помалку учесници.
Ова е четврта Паради на Гордоста во Скопје.
Првата Парада на гордоста се одржа во 2019, а втората во 2021 по паузата поради ковид кризата, а третата лани.