Водачот на платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин, на 24 јуни изјави дека им наредил на своите борци да го запрат напредувањето кон руската престолнина и да се вратат во своите бази за да избегнат крвопролевање.
Неговите борци стигнаа до регионот Липсек, кој се наоѓа на 400 километри јужно од Москва.
Кабинетот на белорускиот претседател Александар Лукашенко објави дека лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин, го прифатил предлогот „да се запре движењето на вооружените лица од компанијата Вагнер на територијата на Русија и да се преземат дополнителни чекори за деескалација на тензиите “, соопшти кабинетот на претседателот на Белорусија, пренесува британски Гардијан.
Во соопштението се наведува дека Владимир Путин утрото го известил Лукашенко и со негово одобрение Лукашенко преговарал со Пригожин.
„Преговорите продолжија во текот на денот. Како резултат на тоа, тие постигнаа договор за неприфатливоста да се изврши крвав масакр на територијата на Русија“, се вели во соопштението.
Претходно во Москва беа суспендирани сите масовни настани на отворено до 1 јули, соопштија властите.
Градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин ги замоли жителите да се воздржат од патување низ градот додека владата спроведува операции за блокирање на влезот во руската престолнина од платеници на Вагнер.
Претходно истиот ден, Москва беше ставена под антитерористички режим кој им дава на безбедносните служби поголема моќ да ги запираат и проверуваат луѓето и транспортот.
Видете и ова: „Бунтот“ на Пригожин и предизвикот за ПутинПретходно денеска платениците на Вагнер соопштија дека го зазеле рускиот град Ростов на Дон и почнале да се движат кон Москва. Нивниот лидер, Евгениј Пригожин, изјави дека сакаат да ги отстранат корумпираните и неспособни команданти на руските сили кои ги обвинува за неуспехот на војната во Украина.
По повикот на бунт од страна на Пригожин, рускиот претседател Владимир Путин имаше вонредно обраќање до јавноста, во кое рече дека ова е удар во грб. Тој рече дека ќе стори „сè да ја заштити земјата“.