Момче со иницијали П.М., кое беше рането на 4 мај во масовно пукање во селото Мало Орашје во Србија, почина на 23 јуни, јави Радио телевизија на Србија (РТС). Тој е деветта жртва на ова масовно убиство.
Урош Блажиќ изврши масовно убиство во селата кај Младеновац, само еден ден по пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.
Блажиќ започнал да пука во населеното место Мало Орашје, а потоа се упатил кон Дубона. По масакрот побегнал, а потрагата по него траеше до раните утрински часови, кога беше пронајден на 50 километри подалеку, во близина на Крагуевац, каде се сокрил во куќата на роднини.
Видете и ова: Масовното убиство во Младеновац е тероризам, изјави Вучиќ, дел од ранетите се опоравуваат
Вишото јавно обвинителство во Смедерево, кое ја води истрагата за овој случај, претходно соопшти дека 20-годишниот Блажиќ со истрели од автоматска пушка убил осум, а се обидел да убие уште 12 лица.
Блажиќ е во затвор. Неколку дена по неговото апсење, приведен е и неговиот татко поради сомнение дека сторил кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материјали.