Земјите ширум светот внимателно ги следат настаните во Русија, по бунтот на приватната воена платеничка група Вагнер против руската власт.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека бунтот на Вагнер покажа дека Русија е слаба.
„Слабоста на Русија е очигледна. Целосна слабост. Колку подолго Русија ги држи своите војници и платеници на нашата земја, толку поголем хаос, болка и проблеми ќе добие подоцна“, објави Зеленски на Телеграм.
Високиот советник на Зеленски, Михајло Подољак ги опиша постапките на Пригожин како „антитерористичка операција“ која јасно ги изложи несогласувањата кои тлеат меѓу руското раководство.
„Поделбата меѓу елитите е премногу очигледна. Согласувањето и преправањето дека сè е решено нема да успее“, напиша Подољак денеска на Твитер.
„Некој дефинитивно мора да изгуби: или Пригожин... или колективниот анти-Пригожин“, напиша тој.
Американскиот претседател Џо Бајден беше информиран за ситуацијата во Русија и Вашингтон „ќе се консултира со сојузниците и партнерите за овие случувања“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност Адам Хоџ.
Претходно и шефовите на ЕУ соопштија дека внимателно ја следат ситуацијата во Русија.“
Портпаролката на НАТО Оана Лунгеску само рече дека Алијансата „ја следи ситуацијата“.
Британскиот премиер Риши Сунак ги повика „сите страни да бидат одговорни и да ги заштитат цивилите“.
„Ние сме во контакт со нашите сојузници додека ситуацијата се развива. Ќе разговарам со некои од нив подоцна денеска и најважно е сите страни да се однесуваат одговорно“, изјави тој за Би-Би-Си.
Шефот на руската платеничка група Вагнер, Евгениј Пригожин повика на бунт против руската армија, но негираше обид за воен удар. Кремљ нареди апсење на Пригожин, а против него се води истрага за поттикнување бунт. Претседателот на Русија Владимир Путин во вонредно обраќање рече дека ова е удар во грб. Тој рече дека ќе стори „сè да ја заштити земјата“.