Град како орев во Охрид, најмногу дожд во Берово

Поплавена улица во Кичево, по невремето што го зафати регионот на 24 јуни, 2023

Во невремето во Берово наврнале 57 литри дожд на метар квадратен, додека во Охрид, каде исто така имаше силно невреме, наврнале 36 литри на метар квадратен, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Според нив, дадените вредности за количината врнежи се измерени на нивните дождомерните места. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената, нагласуваат од таму.

Повеќе региони во Македонија на 24 мај беа зафатени со пороен дожд и грмежи, а нааместа имаше и грмотевици, град и силен ветер.

Градот во Охрид бил со големина на орев.

Невреме имаше во охридско-струшкиот регион, Пехчево, Виница, Берово, Тиквешијата, радовишкиот Регион, струмичко и штипско.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) известуваат дека за време на викендот, на повеќе места се очекуваат локални поројни врнежи од дожд кои можат локално да предизвикаат брзо зголемување на водостојот на помалите реки и суводолиците низ земјава, а можно е да има и локални проблеми во дел од градските населени места доколку таму бидат распределени интензивните врнежи.

Предупредуваат на претпазливо движење покрај помалите реки и суводолиците за време на викендот.

Видете и ова: Поплавените ниви ќе ни донесат поскапо овошје и зеленчук

Во изминатиот период неколку региони во Македонија беа зафатени од силно невреме. Минатиот викенд по обилните дождови имаше излевање на реки во регионите на Крива Паланка, Куманово, Велес. Претходно невреме имаше во Тетово, Кавадарци, Делчево.