Гласаат Грците во странство пред утрешните парламентарни избори во Грција

Избори во Грција на 21 мај.

Над 25.000 Грци кои живеат во странство денеска, ден пред парламентарните избори во Грција, гласаат во 85 града во 35 земји, каде што се отворени 102 гласачки места.

Гласањето од странство за прв пат беше воведено на минатите избори на 21 мај, кога Грците ја искористија можност да гласаат на парламентарните избори, без да биде потребно да се вратат во Грција.

Во Грција, утре се одржуваат парламентарни избори, но не станува збор за втор круг, туку за нови избори, а лидерите на грчките партии, континуирано потенцираат дека гласачките кутии се повторно празни и гласањето почнува од нула.

Видете и ова: Грција се соочува со нови избори, Мицотакис предлага да се одржат на 25 јуни


Во Грција денеска е предизборен молк.

Нешто помалку од десет милиони граѓани утре ќе гласаат на изборите на кои учествуваат 32 партии, коалиции или самостојни кандидати.

На минатите избори беше спроведен пропорционалниот модел што не предвидува бонус од 50 пратеници за партијата победник и ниту една од партиите не го обезбеди потребното парламентарно мнозинство од минимум 151 пратеник за да формира еднопартиска Влада, па затоа и се одржуваат втори избори.

Сега ќе се спроведе законот од 2020 година и ќе се примени мешаниот систем со засилена пропорционална застапеност, што значи и враќање на бонус пратеници за првата партија.

Но, овој пат, бонусот нема да биде фиксен од 50 пратеници, како што беше случај во минатото туку бројот ќе биде во зависност од освоените гласови и колку партии ќе останат вон Парламентот, а ќе се движи меѓу 20 и 50 дополнителни пратенички места.