Косовска полиција – Спречивме терористички напад

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечља

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свечља, доцна на 23 јуни, на Фејсбук објави дека е „спречен терористички напад“, заблагодарувајќи се на интензивното ангажирање на специјалните единици на Косово и разузнавачките информации кои ги добиле.

„Денеска на околу 100 метри од општина Звечан е идентификуван автомобил со белградски регистерски таблички во кој имало поголемо количество оружје, експлозивни направи и муниција“, напиша Свечља на Фејсбук заедно со објавените фотографии од оружјето што е пронајдено.

Звечан е една од четирите општини на северот на Косово со српско мнозинство.

Во оваа општина на 29 мај дојде до судир меѓу Србите и војниците на НАТО во рамките на мисијата на Косово, КФОР. Имаше десетици повредени од двете страни.

Свечља прецизираше дека меѓу оружјето имало рачен ракетен фрлач, експлозиви, автоматско оружје, значително количество муниција, шок бомби, воени униформи и торби.

„Сите овие средства беа наменети и служат за извршување терористички напади врз граѓаните и институциите на Република Косово. Ова е уште еден доказ дека Србија има за цел да ја дестабилизира нашата земја преку такви групи и организации“, рече Свечља.

Тој наведе и дека овој случај ја потврдува информацијата добиена од безбедносните институции на Косово дека во последните недели од територијата на Србија на Косово биле внесени автомобили и други возила со воено оружје.

На 24 јуни директорот на Канцеларијата за Косово на Владата на Србија, Петар Петковиќ, ги обвини косовските власти дека го „подметнале“ оружјето пронајдено во акцијата на северот на Косово на 23 јуни.

Петковиќ рече дека оружјето што косовската полиција го пронашла во близина на општина Звечан, претходно било запленето во акции за разоружување на граѓаните на Косово.

Тензиите се зголемија на северот на Косово на крајот на мај, кога косовските власти, потпомогнати од полицијата, ги презедоа општинските стражари во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток. Целта беше градоначалниците Албанци да почнат со работа, но се спротивстави локалното српско население кое ги бојкотира изборите.

Видете и ова: ЕУ нема да толерира ескалација на северот на Косово, твитна Борел


Оттогаш Србите секојдневно протестираат со барање новите градоначалници да не доаѓаат на работа и да се повлече полицијата.

Меѓународната заедница бара итна деескалација и враќање на дијалогот за нормализација на односите.