Ескалацијата на северот на Косово продолжува и станува опасна и покрај одржаните состаноци, а ние тоа нема да го толерираме, изјави шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел.
Борел на својот Твитер профил напиша дека е „многу вознемирен од ситуацијата на северот на Косово“, споменувајќи ги апсењата на косовските Срби, маршот на Косовските безбедносни сили (КБС) во Јужна Митровица и острата реторика што следеше од Србија.
На 23 јуни, косовската полиција уапси едно лице во Северна Митровица под сомнение дека учествувало во нападот на КФОР, воената мисија на НАТО на Косово.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека е уапсен Ненад Орловиќ, кој е осомничен дека бил во групата што го нападна КФОР на 29 мај, кога беа повредени 30 војници на НАТО.
Канцеларијата за Косово во Владата на Србија го осуди апсењето, тврдејќи дека косовскиот премиер Албин Курти го „саботира“ дијалогот за нормализација на односите.
Конфликтот меѓу КФОР и локалните Срби се случи на 29 мај во општина Звечан, една од четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово.
Косовските власти тврдат дека зад нападот стојат „криминални групи поддржани од Белград“.
Ден претходно, без договор за решавање на кризата на северот на Косово завршија одвоените средби меѓу Александар Вучиќ, претседател на Србија и Албин Курти, премиер на Косово, со европски претставници во Брисел.
Европската унија тогаш го повтори своето барање - предвремени избори на северот на Косово, во општините со мнозинско српско население. Курти рече дека е подготвен, но со владеење на правото, а Вучиќ рече дека ништо не е договорено.