Началникот на Генералштабот на Србија побара од КФОР „да ги заштити Србите на Косово“

Милан Мојсиловиќ, началник на Генералштаб на војската на Србија

Началникот на Генералштабот на војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, на 23 јуни изјави дека побарал од мисијата КФОР на Косово да преземе итни мерки за заштита на српскиот народ на Косово.

Ова го соопшти Мојсиловиќ во краткото обраќање до медиумите, во кое немаше простор за прашања од новинарите, на денот кога косовската полиција уапси уште еден Србин осомничен за учество во нападот врз припадниците на КФОР на 29 мај.

Првиот човек на Генералштабот рече дека го информирал командантот на КФОР дека „со голема вознемиреност ги следиме настаните“.

Видете и ова: Ново апсење на северот на Косово поради напад на КФОР


„Бараме да се преземат итни мерки за заштита на српскиот народ и неговото право на опстанок. Ова е нашата молба до единиците на КФОР и другите меѓународни безбедносни институции на Косово и Метохија“, рече Мојсиловиќ.

Тој додаде дека српската армија ги исполнува сите меѓународно-правни обврски кои произлегуваат од резолуцијата 1244 на Обединетите нации и дека денес е јасно дека меѓународната заедница не ги исполнува своите обврски.

Српската армија, во согласност со Уставот на Србија и Повелбата на Обединетите нации, доколку добие наредба од врховниот командант, ќе ги заврши сите свои задачи во однос на севкупната безбедносна криза, рече Мојсиловиќ.

На 23 јуни, косовската полиција уапси едно лице во Северна Митровица под сомнение дека учествувало во нападот на КФОР, воената мисија на НАТО на Косово.

Видете и ова: Вучиќ: Немаме план за решавање на кризата на северот на Косово

Тензиите на северот на Косово се зголемија на 26 мај, кога косовската полиција помогна во преземањето на општинските згради со цел да се обезбеди простор за работа на новите градоначалници Албанци.

На ова остро се спротивстави месното српско население, бидејќи по бојкотот на априлските избори не ги прифаќаат резултатите. Тие со недели протестираат пред општинските згради во Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток со барање новите градоначалници да не доаѓаат на работа и полицијата да се повлече.

Меѓународната заедница повика на итна деескалација на ситуацијата и распишување нови избори.