Предметот на на Антикорупциската комисија против струшкиот градоначалник Рамис Мерко и претседателот на Основниот суд во Струга за нанесена штета на буџетот, застари во Судскиот совет, соопшти на 23 јуни претседателката на Антикорупциска Билјана Ивановска.
Името на струшкиот градоначалник е во фокусот на јавноста во последните денови, откако на 20 јуни Стејт Департментот го стави Мерко и неговото потесно семејство на „црна листа на САД“, поради корупција и мешање во судски предмети.
Ивановска на прес конфереција соопшти дека Антикорупциска отворила предмет против Мерко за купувањето на луксузното возила и доставила претставка против претседателот на Основниот суд за сомнеж дека врз него е извршено политичко влијание врз судијата кој му овозможил на Мерко да ја спроведе јавната набавка на автомобилот ауди „А6“, кое чинеше 67 илјади евра.
„Општината Струга од 2010 година работи со блокирана сметка и минимумот за функционирање го одредува судот. Со години за ред од 2013 до 2016, се барало да се зголеми тој минимум, но во 2017 година по барање на градоначалникот Мерко тој минимум е зголемен при непроменети услови, минимумот за функционирање на општината бил зголемен“, објасни Ивановска.
Таа посочи дека првата пријава била на време предадена, но од Судскиот совет немало повратни информации за преземени мерки, по што доставиле и ургенција во 2021 година на која од Советот одговориле дека таков предмет немале, а во однос на претседателот на Судот во Струга делото е застарено.
Ивановска пред медиумите ги покажа документите за предметот и потврдата дека во 2017 година го доставиле до Судскиот совет.
„Значи, во времето кога ние сме го доставиле предметот, не бил застарен затоа што не биле поминати три години. Потоа предметот исчезнува, иако имаме доставница дека сме го доставиле, но во меѓувреме кога треба да ни одговорат по ургенцијата ни велат дека предметот застарел“, изјави Ивановска.
Видете и ова: Против Мерко се водат 6 постапки, струшките обвинители под лупаВо последните четири години Антикорупциската комисија изработила голем број предмети, а заклучно со 2022-ра година, има дадено повеќе од 100 иницијативи и препораки. Ивановска вели дека сепак, во државата има спреги коишто не дозволуваат институциите соодветно да функционираат.
„…Постојат спреги коишто не дозволуваат институциите да функционираат како што треба. Дали да тргнеме од негативна селекција, избор на раководна структура, вработувања…на секој можен начин, во секоја пора се обидува да се влијае. А, на тоа ако се додаде и недостигот на интегритет кај поединци коишто се поставени на несоодветен начин на одредени позиции, коишто имаат за враќање таму од каде што ги поставиле, многу јасно е дека ќе се функционира на ваков начин“, вели Ивановска.
Откако САД го ставија Мерко на црната листа, македонското Обвинителство соопшти дека вкупно шест кривични пријави се доставени до Основното јавно обвинителство против струшкиот градоначалник Рамис Мерко. Но досега за него ниту еден предмет во македонските институции нема судска завршница.