Европската унија (ЕУ) официјално го усвои единаесеттиот пакет санкции против Русија, како одговор на агресијата врз Украина, соопшти шведското претседателство со ЕУ.
„Уништувањето на браната Каховка ја покажува бруталноста на руската војна против Украина и нејзиниот презир кон цивилниот живот и инфраструктурата. Тоа ја покажува и потребата ЕУ да го зголеми притисокот врз Русија“, рече Тобијас Билстром, министер за надворешни работи на Шведска.
Тој додаде дека новите санкции дополнително ги намалуваат приходите и воените можности на руската држава.
Според најавата на шведското претседателство, новиот пакет дополнително ќе го ограничи пристапот на Русија до технологијата и индустриските стоки што се користат во системите за оружје.
Пакетот вклучува и мерки за да се спречи заобиколувањето на санкциите и да се осигура дека овие производи не стигнуваат до Русија преку посредници.
Се прошируваат и забраните за пристап до пристаништата на ЕУ и транзитот на стоки низ Русија.
Покрај економските санкции, на списокот со санкции се додадени и околу 100 лица и субјекти.
Меѓу оние кои се цел на санкциите има и поединци кои учествувале во киднапирање на украински деца, воени и политички носители на одлуки и компании кои ја поддржуваат или работат во воената индустрија.
Под санкции пет медиуми, меѓу нив и РТ Балкан
Раша тудеј (РТ) Балкан, што се емитува на српски јазик, и четири медиумски платформи под контрола на Русија се вклучени во листата на санкционирани субјекти.
Освен „РТ Балкан“, на листата медиуми кои ќе се санкционираат се и четири медиумски платформи „Ориентал Ревју“ (Oriental Review), „Царград“ (Tsargrad), „Њу истерн оутлук“ (New Eastern Outlook) и „Катеон“' (Katehon).
РТ Балкан започна да се емитува онлајн на српски јазик во ноември 2022 година, повеќе од половина година од почетокот на војната во Украина, кога ЕУ воведе силни санкции, вклучително и централниот сервис на РТ.