Партнерите во владејачкото мнозинство во Бугарија заговараат оставка на кабинетот на премиерот Николај Денков поради разногласие во изминатите денови и прекршување на потпишаниот договор, јавува бугарскито сервис на Радио Слободна Европа.
Копретседателот на „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) Христо Иванов рече дека ГЕРБ го прекршува договорот за заедничка законодавна програма. Претседателот на ГЕРБ Бојко Борисов одговори дека ПП-ДБ сака да го контролира целиот државен апарат.
Сепак, ГЕРБ нема да ја собори владата и покрај несогласувањата, рече Борисов. ПП-ДБ подоцна во текот на денов треба да одлучи дали да остане дел од владата, рече Кирил Петков, другиот копретседател на ПП-ДБ.
На брифинг во Парламентот, пратениците од ПП-ДБ рекоа дека биле блокирани од „скриеното мнозинство“ на ГЕРБ, ДПС и Преродба, и одбиле да влезат во пленарната сала.
Петков рече дека „работите кои се случуваат во последните денови“ се неприфатливи. Како примери ги посочи смената на Иван Гешев со Борислав Сарафов на функцијата главен обвинител, почетокот на процедурата за смена на составот на Државната ревизија, Фондот за здравство и Народната банка на Бугарија, како и отфрлањето на антикорупцискиот закон на ПП-ДБ.
Петков рече дека побарале министерот за правда да биде сослушан во Комисијата за правни прашања во Парламентот за смената на Гешев со Сарафов, но оти комисијата била блокирана од ГЕРБ, ДПС и Преродба. Обвини дека со истото мнозинство бил отфрлен и нивниот антикорупциски закон.
На прашањето дали оставката е една од опциите, Петков рече „потенцијално да“.
Борисов претходно рече дека ПП-ДБ сака сама да владее со државата и оти за 9 месеци нема да има ротација на премиерите. Според договорот за заедничка влада, премиерот Николај Денков од ПП-ДБ за 9 месеци требаше да биде заменет од Марија Габриел од ГЕРБ.
Според Борисов, ПП-ДБ во моментов се расправаат за позициите, додека законите од планот за закрепнување и одржливост се уште не сè доставени до парламентот. Според него, ПП-ДБ само се плаши од пад на владата.
Борисов додаде дека коалицијата ПП-ДБ сака да победи на претстојните локални избори, откако ќе назначи свои кадри во министерствата, агенциите и регулаторите.
„Ако повторно сакате техничка влада на [претседателот Румен] Радев, урнете ја, јас нема да ја уривам владата“, рече Борисов.
Тој негира дека има тајно мнозинство со ДПС и Преродба. Според него, ПП-ДБ е во изолација зашто „другите партии не ги сакаат“.
Новата бугарска влада, составена по петтите парламентарни избори за две години, беше избрана на 6 јуни. За неа гласаа жестоките противници ПП-ДБ и ГЕРБ. Според договорот, треба да има ротирачки премиер. Николај Денков од ПП-ДБ треба да биде премиер 9 месеци, по што ќе го замени Марија Габриел од ГЕРБ, која сега е вицепремиер и министерка за надворешни работи.
Бугарија во изминатите две години беше управувана претежно од привремени влади назначени од претседателот Румен Радев, откако гневот на јавноста поради долгогодишната корупција резултираше во масовни протести во 2020 година по кои падна владата на Бојко Борисов. Оттогаш ниедна партија не може да формира стабилно мнозинство за да владее и се распишуваат предвремени избори.