Совет на Европа бара на спортисти од Русија и Белорусија да им се забрани учество на Олимпијадата

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах

Советот на Европа побара забрана за учество на руски и белоруски спортисти на Олимписките игри во 2024 година се додека, како што соопштија, трае руската агресивна војна во Украина.

Водечка европска организација за човекови права го повика Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и неговите спортски федерации да го задржат „својот став изразен во 2022 година и да го забранат учеството“ на овие спортисти на претстојните Олимписки игри, како и на сите други големи спортски настани.

Спортистите од Русија и Белорусија се соочија со санкции во многу дисциплини откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Сепак, МОК во март препорача - на спортистите од Русија и нејзиниот сојузник Белорусија да им биде дозволено да се натпреваруваат како поединци под неутрално знаме на меѓународни натпревари, под услов активно да не ја поддржуваат војната во Украина.

Видете и ова: Украински спортисти нема да се натпреваруваат ако има руски и белоруски спортисти

Советот на Европа на летната сесија во Стразбур најави дека секое учество на овие спортисти би било „незамисливо“.

„Тие сигурно би биле користени како пропагандно средство и де факто би ги спречиле другите спортисти, особено Украинците, да учествуваат“, објави Советот на Европа.

Ставот на МОК од март за Русија и Белорусија доведе до најава на Украина дека ќе ја бојкотира Олимпијадата.

„Аргументите во корист на нивното учество (на Русија и Белорусија) немаат доволна тежина пред потребата да се осудат злосторствата и да се покаже целосната и непоколеблива поддршка на меѓународната заедница за Украина додека нападот продолжува“, соопшти Советот на Европа.

Во соопштението се додава дека „руските и белоруските елитни спортисти добивале државни плати и често биле дел од воени спортски тимови“.

Се чини невозможно да ја покажат својата неутралност и дистанца од овие режими, а камоли да дадат изјави против војната“, објави Советот на Европа.