„Не можам да потврдам дека имаме план“, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата со Жосеп Борел, шефот на европската дипломатија и Мирослав Лајчак, претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија.
Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во одвоени средби се сретнаа со европските претставници во Брисел. Целта на средбите е да се смират тензиите на северот на Косово. На новинарско прашање дали некој го има клучот за решавање на кризата во Косово, Вучиќ одговори дека го нема.
„Се плашам дека сè отиде предалеку и се плашам дека луѓето не разбраа што зборував пред две години, пред една година“, изјави српскиот претседател.
Вучиќ проговори и зошто не се сретнал со Курти.
„Отсекогаш доаѓав на секој разговор, верувам дека дијалогот е корисен и лековит, дека е важно да се зборува, дека проблемите ги надминуваме со разговор. Но, во овој момент, не само што не гледам причина да разговарам со човек кој секој ден провоцира и сака да предизвика конфликт... и мислев дека тоа ќе направи само поголема штета“, изјави Вучиќ.
Видете и ова: Вучиќ и Курти на одвоени средби со Борел во БриселПред средбата со Вучиќ, шефот на европската дипломатија Борел, на Твитер напиша дека се потребни „конструктивни идеи и подготвеност за компромис за решавање на кризата на северот на Косово“, и дека очекува страните „да ги смират тензиите и да ги исполнат обврските без предуслови“.
Европските лидери настојуваа да организираат заедничка средба со Курти и Вучиќ, но, сепак, не успеаја во намерата.
На северот на Косово се зголемија тензиите од крајот на мај, што во неколку наврати доведе до насилство, бидејќи локалното српско население се противи на доаѓањето на градоначалниците Албанци. Србите ги бојкотираа априлските локални избори и сега не ги прифаќаат резултатите.
Видете и ова: Курти – Потребни ни се нови избори на северот, но со владеење на правотоКосовската полиција досега уапсила шест лица од северот под сомнение дека учествувале во криминални активности, додека на тројца им е изречена мерка притвор од еден месец.
Ситуацијата дополнително се заостри по апсењето на косовските полицајци од страна на српските сили.