Вучиќ и Курти на одвоени средби со Борел во Брисел

Брисел - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ со шефот на европската дипломатија, Ѓозеп Борел, 22 јуни 2023 година

Шефот на европската дипломатија Жосеп Борел и претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, се сретнаа со премиерот на Косово, Албин Курти.

Средбата траеше околу еден час, по што европските претставници започнаа средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Видете и ова: Започна средбата на Борел, Лајчак и Курти во Брисел

Инаку, Борел и Лајчак се домаќини на „серија состаноци“ со цел да се намалат тензиите на северот на Косово.

„Ситуацијата на северот на Косово е сè уште многу напната. Денес, нашата цел е да најдеме решенија за смиреност и пат напред“, напиша Борел на Твитер пред средбата со Курти.

Европските лидери се обидоа да организираат заедничка средба со Вучиќ и Курти, но, тие обиди не успеаја.

Видете и ова: Ќе се сретнат ли Вучиќ и Курти во Брисел?

Вучиќ претходно за српскиот национален сервис (РТС) изјави дека нема да разговара со Курти, туку со Борел.

На северот на Косово се зголемија тензиите од крајот на мај, што во неколку наврати доведе до насилство, бидејќи локалното српско население се противи на доаѓањето на градоначалниците Албанци. Србите ги бојкотираа априлските локални избори и сега не ги прифаќаат резултатите.

Косовската полиција досега уапсила шест лица од северот под сомнение дека учествувале во криминални активности, додека на тројца им е изречена мерка притвор од еден месец.