Шолц го поддржа договорот на ЕУ за азил - „стариот систем беше нефункционален“

Мигранти на пат од Либија кон Италија (Архивска фотографија)

Германскиот канцелар, Олаф Шолц го поддржа договорот за спречување на мигрантите да влезат во Европската унија додека не се разгледаат нивните шанси за добивање азил, тврдејќи дека постоечкиот е „целосно нефункционален“.

Обраќајќи им се на пратениците во Берлин на 22 јуни, рече дека компромисот постигнат претходно овој месец од 27 земји-членки на ЕУ по долгогодишни преговори е „историски договор“.

„Сите мораа да прават компромиси, вклучително и Германија. Но, тоа беше вистинската работа, бидејќи нашиот сегашен систем е целосно нефункционален“, рече Шолц во парламентот.

Шолц истакна дека многу мигранти не поднесуваат барање за азил додека не стигнат во Германија, иако земјата е опкружена со други држави членки на Унијата, кои би морале прво да ги регистрираат според постоечките правила.

Шолц наведе дека оние кои имаат многу мали шанси да бидат признаени како бегалци, ќе поминат низ брз процес на азил и враќање на надворешната граница на Унијата.

„Меѓутоа, оние кои имаат добри шанси да добијат заштита во Европа бидејќи доаѓаат од воени зони или се политички прогонувани, ќе бидат регистрирани и ќе можат во иднина да влезат во ЕУ“, додаде германскиот канцелар.

Видете и ова: Орбан: Реформскиот договор на ЕУ за бегалците е „неприфатлив“

Организациите за човекови права го критикуваа договорот, наведувајќи дека мигрантите, вклучувајќи ги семејствата со децата, ќе бидат држави во кампови, додека властите ќе проверуваат дали ќе им биде одобрена заштита во рамките на ЕУ.

Деталите од договорот допрва треба да бидат разработени во преговори со Европскиот парламент, кој мора да одобри промена на миграционите правила на Унијата.

Видете и ова: Агенцијата за бегалци на ЕУ бара долгорочна перспектива за бегалците од Украина

Во периодот од јануари до мај, вкупно 135.961 лица побарале азил во Германија, што е 76,6 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година. Ова се податоци на тамошната Сојузна канцеларија за миграции и бегалци.

Најмногу пристигнале од Сирија, Авганистан и Турција.

Во 2022 година, од Германија се депортирани 12.945 одбиени баратели на азил. Но, според германските власти, во земјата до 31 декември 2022 година имало 304.308 луѓе чие барање за азил било одбиено, но, кои се уште не се депортирани.