Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи соопшти дека партијата донела три одлуки откако нивниот сопартиец, струшкиот градоначалник Рамис Мерко се најде на „црната листа“ на САД.
„ДУИ бара институциите веднаш да започнат сеопфатна истрага за Рамис Мерко за сите тврдења и информации кои произлегуваат од извештајот на Стејт Департментот на САД. ДУИ ја прифаќа одлуката на Рамис Мерко за замрзнување на негови партиски функции додека не заврши истрагата. ДУИ ја прекинува изборната активност во Струга додека не се создадат нови услови за нивно организирање“, изјави Османи.
Османи истакна дека Рамис Мерко лично побарал да се замрзне неговото членство во раководните органи на партијата.
Османи побара и истрага за сите политички партии и јавните функционери, сметајќи дека само на тој начин може да има борба против корупцијата. Притоа, ги охрабри САД да продолжат со оваа активност.
Видете и ова: Против Мерко се водат 6 постапки, струшките обвинители под лупаДва дена откако Стејт Департментот го означи струшкиот градоначалник и неговото семејство како непожелни за САД, се огласија и од Основното јавно обвинителство. Од таму посочија дека против Мерко се доставени вкупно 6 кривични пријави, дека по сите се постапува, но и дека сите се во различна фаза од постапката.
Коментар за случајот со Мерко денеска повторно даде и премиерот Димитар Ковачевски. Премиерот изјави дека доколку тој се најде на црната листа на САД, би поднел оставка од функцијата.
Веста за влегувањето на струшкиот градоначалник Рамис Мерко на „црната листа“ на Соединетите Американски Држави доаѓа во време кога во Државната комисија за спречување на корупцијата веќе работат на нов предмет поврзан со него. Тоа вчера за Радио Слободна Европа го потврдија од институцијата.
Членот на Комисијата, Владимир Георгиев најави дека ДКСК утре ќе има прес-конференција токму за Рамис Мерко за кој, како што рече, уште во 2019 година утврдиле злоупотреби во неговото работење како градоначалник. Но, нивната иницијатива била отфрлена од Обвинителството.
Видете и ова: Мерка за Мерко – непожелен во САД, прв на проширената „црна листа“Струшкиот градоначалник Рамис Мерко, сопругата и трите деца најдоа на „црната листа“ на САД поради корупција и мешање во судски процеси, соопшти Стејт Департментот. Причина за тоа, како што се наведува е неговата вмешаност во голема корупција, присвојувал средства и се мешал во судски процеси.