Зеленски - Русија размислува за „терористички напад“ во окупираната нуклеарна централа Запорожје

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, архивска фотографија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во четвртокот дека силите на Москва размислуваат да извршат „терористички напад“ во нуклеарната централа Запорожје под руска контрола, што постојано предизвикува загриженост во текот на руската инвазија, јавува новинската агениција Франс прес.

„Разузнавачките служби добија информации дека Русија го разгледува сценариото за терористички чин во нуклеарната централа Запорожје - терористички чин со ослободување на радијација. Тие подготвија сè за ова“, рече Зеленски во изјавата на социјалните мрежи.

Видете и ова: Украина погодена од уште еден бран руски напади, продолжуваат тешките борби во Доњецк

Во меѓувреме руските сили погодија цивилни и инфраструктурни цели со нов бран проектили и беспилотни летала во текот на ноќта, соопшти украинската војска во утринско соопштение на 22 јуни, додавајќи дека се водат жестоки битки во источниот регион Доњецк, каде Русија ги интензивира нападите.

Генералштабот извести дека украинската противвоздушна одбрана ги соборила сите шест беспилотни летала од иранско производство, но соопшти дека се уште неодреден број цивили биле убиени и ранети, без да се соопштат дополнителни детали.