ЕУ го одобри 11-тиот пакет санкции против Русија

Владите на земјите од Европската унија се согласија на 11-тиот пакет санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина. Целта на санкциите е да ги спречи другите земји и компании да ги заобиколат претходно воведените санкции.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека новиот пакет ќе ѝ зададе дополнителен удар на воената машина на рускиот претседател Владимир Путин. Санкциите предвидуваат поостри ограничувања за извоз и целат на ентитетите кои го поддржуваат Кремљ.

„Нашата алатка против заобиколување ќе ја спречи Русија да дојде до санкционираните стоки“, објави Фон дер Лајен на Твитер на 21 јуни откако шведското претседателство објави дека пакетот е договорен.

Најновите санкции имаат за цел да ги затворат дупките, за да не може стоките и технологијата кои се од витално значење за воените напори на Русија, да стигнат до Русија преку земјите кои тргуваат со ЕУ.

Новиот пакет овозможува спроведување на мерки за ограничување на извозот на чувствителни стоки и технологија со двојна употреба во трети земји кои потоа би можеле да ги пренесат во Русија. Новите правила и дозволуваат на ЕУ да изврши многу поголем притисок, во споредба со порано, за да ја прекине практиката.

Официјалните претставници на ЕУ долго време се загрижени за порастот на побарувачката за производи од ЕУ од соседите на Русија, вклучувајќи ги Ерменија, Казахстан и Киргистан, како и од други земји кои одржуваат трговски односи со Москва, како што се Обединетите Арапски Емирати, Турција и Кина.

Видете и ова: Вучиќ за Фајненшл Тајмс - Не сум против да се продава муниција на посредници кои ја доставуваат во Украина


Пакетот санкции предвидува да се додадат нови 71 лице и 33 ентитети на оние на кои им е забранет влез во ЕУ и ги замрзнува сите средства што ги поседуваат во јурисдикција на ЕУ поради вмешаност во незаконско депортирање на деца од Украина во Русија.

Со него се продолжува и суспензијата на дозволите за емитување на пет руски медиуми под контрола на државата.

Дополнително, пакетот забранува пристап до пристаништата на ЕУ за бродови кои вршат пренос на сурова нафта или нафтени продукти од брод на брод на море, доколку постои причина да се сомнева дека товарот е од руско потекло.