Државниот завод за ревизија со последниот извештај го отвора прашањето за релевантноста на Пописот кој се одржа во 2021 година. Нотирал многу пропусти, но она што се издвојува е дека во прашање се доведува точноста на податоците за луѓето кои во време на пописот биле во Армијата, во странство, во затвори и за бездомниците.
Исто така проблематично за ревизорите е што имало малку попишувачи, а се попишувале луѓе надвор од нивните домови.
„Со ревизијата утврдено е дека теренското попишување е спроведено со 505 инструктори и 4.482 попишувачи, број кој е помал во однос на планираниот, а воедно спроведено е попишување на лицата кои не биле попишани во просториите на комисиите за пописни реони, начин на попишување кој не е предвиден во Законот за попис“, пишува во соопштението од Државниот завод за ревизија.
Видете и ова: Клучните фактори за иселување и работа во странство - угоре високо, удолу длабокоАпликацијата за онлајн попишување на македонските државјани кои се на привремена работа или престој во странство исто така е проблематизирана. Во 2019 година е набавена софтверска апликација за пописот, но не е набавена софтверска апликација за самопопишувањето.
Самопопишувањето започна на 01.03.2021 година, а активностите за набавка на апликација започнале неколку денови порано на 25.02.2021 година. Набавена е без пари, а за возврат Државниот завод за статистика се обврзал да го истакне името на фирмата од каде ја зема.
Ревизорите констатирале дека со ова се врши промоција, дека е спонзорство, за кое од Министерството за правда не е побарано решение дека е од јавен интерес. Подолго од една година управител на фирмата која ја изработила апликацијата бил член на Советот за статистика.
Заводот за ревизија проверувал и како се трошеле парите за пописот. За попишувачите и учесниците вкупно се исплатени 3,1 милион евра, врз основа на правилник, вредноста на бодовите е уредена со акт кој го донел директорот, но не го потпишал.
Видете и ова: „Бела чума“ ја десеткува МакедонијаВкупниот буџет бил 8,5 милиони евра но немало финансиски план како ќе се трошат. Така се потрошиле 7,9 милиони евра, во кои најголемо учество од над 49 проценти се потрошени за лаптопи и 40 проценти за хонорари.
Од неколку аспекти е спорна токму набавката на лаптопите бидејќи има три анекси на договорот без јавна набавка а при примопредавањето се потпишани раководителот на фирмата а не од преставници на работната група.
Во извештајот е констатирано и дека медиумска кампања од околу 120 илјади евра, надминала повеќе од 40 проценти од планираните пари. И средства за заштита од КОВИД 19 кои чинеле 20 илјади евра, биле купени без да се спроведе постапка за јавна набавка.
Според државните ревизори со измените на законот за попис се дало многу кус рок за да се подготви теренот за попис.