Се надевам дека ова ѝ помага на владата во Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата, рече заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар, за Албанската редакција на Гласот на Америка. Тој одговараше на прашањето дали очекува политички последици откако САД на 20 јуни го ставија на црна листа градоначалникот на Струга Рамиз Мерко поради значителна корупција.
Стејт департментот соопшти дека Мерко додека ја извршувал функцијата градоначалник на Струга, „присвоил средства и се мешал во судските и другите јавни процеси, нанесувајќи ѝ штета на вербата на јавноста во демократските институции и функционери во Северна Македонија“.
Видете и ова: Струшкиот градоначалник Мерко на „црна листа“ на САД поради корупцијаКоординаторот за антикорупција на Стејт департментот Ричард Нефју, вели дека ставањето на листата на санкции, има цел да ја покажат поддршката на САД за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата низ целиот свет.
Нефју, во интервју за албанската редакција на „Гласот на Америка“ рече дека не може да се споделат повеќе детали зошто градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, е ставен на американската црна листа. Но дека американскиот државен секретар имал веродостојни информации кои сугерираат дека Мерко бил вмешан во голема корупција.
Мерко е градоначалник на Струга, од редовите на ДУИ. Санкцијата се однесува и сопругата на Мерко, Шпреса, и неговите три возрасни деца, Генц, Назмије и Дренуша. Потесното семејство на Мерко се смета за „неподобно“за влез во САД.
Американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер пред неколку месеци ја најави црната листа на САД на која ќе се најдат имиња на функционери вмешани во корупција. Во декември минатата година земјава престојуваа тим на американски истражители за санкции од Вашингтон кои ги истражуваа можните случаи на корупција во кои се вмешани високи македонски официјални лица. Струшкиот градоначалник Мерко е првиот кој се најде на долгонајавуваната листа, на кој му е забранет влез во САД.
Во април минатата година Министерството за финансии на САД објави листа на санкционирани лица и ентитети од Западен Балкан, на која се ставени и поранешниот премиер Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков, со што на нив и на членовите на нивните семејства им се забранува влез во САД. На листата на санкции е ставена и фирма на Груевски регистрирана во Унгарија.
Претходно на црна листа на САД, беа ставени и Љубе Бошковски, Мендух Тачи, Џеват Адеми, Кастриот Хаџиреџа, Невзат Халили, Гафур Адили, Нури Беџети, Џавит Хасани, Џезаир Шаќири, Даут Реџепи и Џемаил Хисени.