Русија започна нов бран напади со ракети и беспилотни летала врз неколку украински региони и главниот град Киев во текот на ноќта, соопштија украинската воздушна одбрана и регионалните претставници рано на 21 јуни.
Во меѓувреме, пак, Генералштабот на украинската војска објави одреден „делумен успех“ во нивните контраофанзивни операции во јужниот регион на Запорожје.
Двајца цивили беа убиени во текот на изминатиот ден од руските гранати во Костјантинивка, во источниот регион Донецк, кој е централно место на војната на истокот во изминатите неколку месеци, соопшти на Телеграм, регионалниот шеф на воената администрација Павло Кириленко, рано на 21 јуни.
Русија ги таргетираше регионите Киев, Хмелницки, Днепропетровск, Суми, Полтава, Черкаси, Кировохрад и Запорожје, а украинската воздушна одбрана соопшти дека соборила 32 од 35 беспилотни летала од Иран. Дваесет од нив, биле соборени над главниот град.
Русија, исто така, употребила седум наведувани проектили и една крстосувачка ракета врз цели на цивилната инфраструктура во регионот Запорожје.
Според првичните проценки, нападите предизвикале материјална штета, но нема информации за жртви.
На бојното поле, украинските сили постигнаа одредени придобивки при напредување кон градовите Мелитопол и Бердјанск во Запорожје, изјави рано на 21 јуни Андриј Ковалев, портпарол на Генералштабот во објава на Телеграм.
Украинските сили продолжуваат да го запираат напредувањето на руските сили на истокот на земјата.
„Особено тешки борби“ се водат во близина на Лиман во Донецк, додаде тој.
Борбите продолжија и во областите Бахмут, Купјанск, Авдијивка и Маријнка во Донецк, каде што во последните четири дена имаше 40 непосредни битки, соопшти војската во посебен извештај, рано на 21 јуни.