Бајден ги продолжи вонредните мерки за состојбата на Западен Балкан

Американскиот претседател Џо Бајден.

Американскиот претседател Џо Бајден ги продолжи вонредните мерки во врска со Западен Балкан, воведени во 2001 година.

Тој наведе дека во согласност со Националниот закон за вонредни состојби, останува на сила указот за вонредната состојба на Западен Балкан.

Бајден синоќа посочи дека е неопходно да се продолжи вонредната состојба прогласена со Извршната наредба 13219 за Западен Балкан.

„Актите на екстремистичко насилство и опструкционистичка активност, како и ситуацијата на Западен Балкан, која го попречува напредокот кон ефективно и демократско владеење и целосна интеграција во трансатлантските институции, наведени во овие извршни наредби, продолжуваат да претставуваат невообичаена и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на САД“, изјави Бајден во пораката до Конгресот, објавена на веб-страницата на Белата куќа.

Видете и ова: Белата куќа: Бајден и Шолц разговараа за стабилноста и просперитетот на Западен Балкан

Извршната наредба првично била потпишана на 26 јуни 2001 година, од тогашниот американски претседател Џорџ В. Буш, а потоа била изменета со Извршната наредба од 28 мај 2003 година, за подоцна да биде проширена според Извршната наредба 14033 и останува во сила по 26 јуни 2023 година.